Министерството за одбрана објави јавен оглас за прием на 125 професионални војници на служба во Армијата на Македонија за работа на определено работно време со договор за вработување во времетраење од 3 години со можност за негово продолжување повеќе пати, но најмногу до навршување на 45 години возраст, по што им продолжува работниот однос со преземање во органите на државната и локалната власт и други државни органи согласно закон.
Кандидатите за прием на професионални војници треба да да се државјани на Македонија, да се полнолетни и да имаат посебна здравствена и физичка способност.
Освен овие услови, тие треба да имаат да имаат завршено средно образование, да имаат завршено доброволно служење на воениот рок и да не се постари од 25 години на денот на завршувањето на огласот за прием на професионални војници. Платата, според огласот што го објави Министерството за одбрана, изнесува од 22.059,00 денари до 25.574,00 денари.
Проверката на физичката и здравствената способност на кандидатите за професионални војници на служба во АРСМ, ќе ја вршат посебни комисии формирани од министерката за одбрана.
При вработувањето исто така ќе се води сметка за соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници со почитување на критериумите на стручност и компетентност, а Министерството за одбрана ги охрабрува девојките и жените кои ги исполнуваат условите да се пријават на јавниот оглас.
Пријавата може да се превземе од интернет страната на Министерството за одбрана.