Министерството за здравство информира дека паднатиот потпорен ѕид позади Клиниката за детски болести е изграден на државно земјиште, а Министерството нема прибележано право за трајно користење на тоа земјиште.
„Секој од објектите во Клиничкиот центар има право на користење на објектите, но нема доделено право на трајно користење на земјиштето околу клиниките. Во интерес на граѓаните, потребно е да се изнајде итно решение во заеднички напори со надлежните институции Градот Скопје и Општина Центар кои треба да бидат иницијатори за решавање на проблемот, поради тоа што се работи за улица, а надлежните инспекциски служби да дадат мислење за моменталната безбедност“, се наведува во соопштението од Министерството за здравство.
Општина Центар денеска остро ги демантираше наводите и шпекулациите дека санацијата на потпорниот ѕид на Клинички Центар и улица Белградска се во надлежност на општината. Претходно Град Скопје „топката“ за урнатиот ѕид ја префрли на Министерството за здравство, а улицата дека е под надлежност на Општина Центар.
– Овој проблем се провлекува со години и постојано одговорот е ист, безбедноста и функционалноста на Белградска не е наша надлежност. ЦУК и пред две години алармираше за состојбата со потпорниот ѕид кај Универзитетската клиника за детски болести и безбедноста на улицата Белградска. На нивна иницијатива, Министерството за здравство посочи дека за санацијата е потребна координирана активност на јавните претпријатија на Град Скопје. И тогаш, Општина Центар, на 30.12.2022, децидно одговори дека безбедноста и одржувањето на Белградска согласно Договорот од 05.08.2019, е обврска на Град Скопје. Да беше до нас, проблемот одамна ќе се решеше – дециден е градоначалникот на Центар Горан Герасимовски.