Министрите со свои ставови, а глобата за невакцинирање дете до 650 евра

Глоба од 300 до 650 евра или пријава за на суд, е изборот на семејствата  кои одбиваат да ја почитуваат законската обврска за имунизација на децата. Според извештајот 35 родители годинава и 117 минатата година биле повикани во Државниот санитарен и здравствен инспекторат поради невакцинирање на своите деца.

Наше е да ги повикаме и да им кажеме дека ова е законска обрска и доколу платат во рок од 8 дена тогаш има порамнување, ако, не плаќаат поднесуваме пријава за суд. Ние редовно ги контролираме пунктовите за имунизација а за родителите кои одбиваат вакцинирање добиваме и извештаи, вели др. Ирина Бухова, директор на ДСЗИ.

Од инспекторатот добиваат известувања од пунктовите за имунизација колку и кои родители одбиваат да го носат детето на вакцина. Велат дека антивакциналните кампањи изминатиот период го намалија опфатот на имунизација и тоа во урбаните средини, за разлика од порано кога повеќе невакцинирани имаше во селата.

Родителите доаѓаат и им кажуваме која е процедурата. Тие се збунети од тоа што го слушаат, но имаме и случаи кои по разговорот со некој од нашите инспектори, потоа одат и го почнуваат процесот на вакцинирање на детето, вели Бухова.

Здравствените власти веќе алармираа дека Македонија е во групата на високо ризични земји од појава на опасни заразни заболувања кои биле искоренети пред 40 години. Во Скопје, Прилеп и Куманово опфатот на имунизација е под 90 проценти а во некои скопски општини вакцинирањето со МРП е под 60 проценти.

Ставот на МОН, како што изјави министерката Рената Дескоска е дека секое дете има право на образование, по најавите дека нема упис во училиште и градинка доколку не се примени вакцините, поради што и министерот Венко Филипче го смени ставот и рече дека разговараат со Министерствата за образование и труд и социјална политика, во која насока да се прават измени во законските прописи, прво родителите да се советуваат, а потоа со нови поригорозни мерки да се спроведе задолжителната вакцинизација.