Министрите за финансии на земјите членки на Европската унија разговараа во вторникот во Брисел за можниот нивен одговор на американската програма за масовни субвенции за поттикнување на домашното производство во областа на ткн зелени технологии, а Европската комисија најави дека за тоа ќе објави конкретен предлог на 1-ви февруари.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ланскиот август донесе инвестициски план наречен Закон за намалување на инфлацијата (IRA) кој предвидува големи повластици за американските произведувачи. Според законот кој го поттикнува пристапот под мотото „купувај американско“, произведувачите на електрични автомобили имаат голема предност доколку произведуваат и купуваат делови за своите производи во САД.
Законот, меѓу другото, вклучува и проширување на даночните субвенции за купување електрични возила кои се склопуваат во Северна Америка и користат батерии произведени во САД од материјали од домашно суровини. Со него се издвојуваат 370 милијарди долари за вложувања во чиста енергија и справување со климатските промени, и 63 милијарди долари за намалување на цените на лекарствата и здравственото осигурување.
„Имавме интензивна дискусија за тоа како да одговориме на американскиот закон за намалувањето на инфлацијата во којашто учествуваа повеќе министри“, изјави во вторникот шведската министерка за финансии Елизабет Свантесон по завршувањето на состанокот на Советот за економски и финансиски работи – Ecofin и додаде дека државите членки имаат различни погледи за тоа прашање.
Извршниот потпретседател на Европската комисија, Валдис Домбровскис, изјави дека Комисијата ќе објави конкретен предлог за ова прашање на 1-ви февруари.
„Не сакаме инвестициите во чистите стратешки сектори да бегаат од Европа, што би ја ослабело европската економија. Во разговорите со САД бараме практични решение, а работиме на поширок европски одговор во тој поглед, кој Комисијата ќе го објави на 1-ви февруари“, рече Домбровскис.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, изјави во вторникот во својот говор на Светскиот економски форум во швајцарски Давос дека ткн Зелениот индустриски план би требало „Европа да ја направи дом на чистите технологии и индустриските иновации“.
Споменатиот план би требало да претставува дел од одговорот на Европската унија на американската програма за големи субвенции и даночни олеснувања во областа на зелените технологии.
Во Брисел и во другите европски престолнини во последно време не го сокриваат своето незадоволство од американскиот IRA. Министри и дипломати од земјите членки на ЕУ го истакнуваа изминатиот период разочарувањето од начинот на кој администрацијата на американскиот претседател Бајден едноставно го игнорира влијанието на своите домашни економски политики врз економиите на европските сојузници. Во ЕУ овој потег го оценија како дискриминаторски кон истите производи увезени од други земји. и стравуваат од бегството на инвестициите и селењето на производството од Европа во Соединетите држави.
Урсула фон дер Лејен, меѓу другото, од Давос најави дека ќе предложи привремено прилагодување на правилата за државните поддршки за да се олесни финансирањето на проектите во областа на чистите технологии.
На пофлексибилните правила за државните поддршки особено инсистираат Германија и Франција, но многу земји не се согласуваат со тоа, стравувајќи дека тоа може да доведе до трка во субвенционирањето од што може да профитираат само богатите земји членки со големи фискални капацитети, а на штета на посиромашните. Минатиот месец Данска, Финска, Ирска, Холандија, Полска и Шведска објавија нон-пејпер во кој се противат на масовното субвенционирање на производството.
„Државните поддршки за масовното производство и комерцијалните активности може да доведат до многу големи негативни ефекти, вклучително и фрагментација на внатрешниот пазар, штетна трка во субвенционирањето и слабеењето на регионалниот развој. Тие негативни ефекти може да бидат значително поголеми од позитивните“, се вели во текстот на тие земји членки на ЕУ.