
Министрите за одбрана на НАТО се состануваат денеска во Брисел на дводневен состанок фокусиран на поддршката за Украина и заедничките напори поврзани со снабдувањето со оружје и муниција.
Собирот е последен состанок на високо ниво пред годишниот самит на НАТО во Вилнус во јули, каде што односите на алијансата со Украина и трошоците за одбрана ќе бидат високо на агендата.
Се разговара за потенцијално зголемување на ветените одбранбени распределби за земјите-членки од сегашните 2 отсто од бруто-домашниот производ (БДП) на земјите на 2,5 отсто.
Украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников се очекува денеска да им се придружи на министрите на состанокот на таканаречената украинска одбранбена контакт-група, која ја координира испораката на оружје за Киев.
Овој состанок, на кој учествуваат и земји што не се членки на НАТО, го водат Соединетите Американски Држави, бидејќи самиот НАТО не ја снабдува Украина со смртоносно оружје.
Се очекува министрите на НАТО да разговараат со Резников, чија земја се стреми да стане членка на Алијансата, како да се продлабочат врските во наредните години.
В петок министрите ќе разговараат за новите регионални одбранбени планови чија цел е подобра одбрана на териториите на Алијансата во случај на напад.
Плановите се дел од сојузничката цел за зајакнување на одбранбените капацитети на НАТО и одвраќањето во Источна Европа наспроти војната на Русија во Украина.