Министрите за одбрана на земјите членки на Европската унија во вторникот не постигнаа консензус за формално дозволување на Украина да го користи западното оружје коешто ѝ го доставуваат за напади на цели на руска територија, за што рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека ќе биде „играње со оган“.
Членките на ЕУ веќе се согласија колективно да обезбедат нова воена помош за Украина. И додека некои земји обезбедуваат оружје на земјата зафатена од војна со минимални барања, други го прават тоа под услов оружјето да се користи само на украинска територија. Киев тврди дека мора да ја гаѓа Русија бидејќи таа ја напаѓа Украина од нејзина територија, пишува dpa но не се споменуваат гаѓањата на цивилни цели на руска територија, како и на украинската во која на власт се проруските власти.
Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, на прес-конференција по министерскиот состанок рече дека „нападите за самоодбрана врз воени цели на руска територија се легитимен чин според меѓународното право кога се користат на пропорционален начин“.
„Сепак, исто така е јасно дека ова е одлука за секоја земја членка. Никој не може да ја спречи една земја-членка да ја снабдува Украина со оружје и да ѝ дозволи да го користи за воени цели на руска територија. Исто така, не можеме да ги обврземе да се согласат на тоа“, рече Борел.
Министрите, исто така, не успеаја да се договорат дали на воените инструктори од ЕУ треба да им се дозволи да спроведуваат обука на украинска територија. Некои стравуваат дека тоа ќе го ескалира учеството на ЕУ во војната и ќе го зголеми ризикот од директна конфронтација меѓу Русија и Западот.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно во вторникот ги предупреди членките на НАТО дека си играат со оган кога предложија да ѝ се дозволи на Украина да го користи нивното оружје за напади на руска територија, иако од разни западни извори е познато дека Киев има премолчен дозвола за такви акции од своите најголемо западни сојузници.
„Постојаната ескалација може да доведе до сериозни последици. Ако овие сериозни последици се материјализираат во Европа, како ќе се однесуваат САД, со оглед на нашиот паритет во нуклеарното оружје? Тешко е да се каже – дали тие сакаат глобален конфликт да продолжи?“, рече Путин при посетата на узбекистанската престолнина Ташкент.
За украинските напади со оружје со долг дострел, Путин рече дека им е потребна западна разузнавачка и воена помош и сателити, што значи дека Западот мора директно да биде вклучен во таквит воени акции.