МИОА, МЗШВ и Мнистерството за економија се првите министерства што се дел од пилот постапката за реорганизација

Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за економија се првите министерства што учествуваат во пилот постапката за реорганизација во рамки на ИПА-проектот, финансиран и поддржан од Европската Унија, во кој учествува целата Влада на Република Македонија.

Како што информираше на денешната конференција, Слаѓана Тасева, претседателката на Транспаренси Интернешнл Македонија и тим лидер на проектот, со постапката се направени анализи на сите 17 министерства за тоа како би можело да се реорганизираат, со цел да се обезбеди водење на политики, отчетност, надзор и контрола, што ќе биде целосно под една капа, или под контрола од страна на министрите, со што, според нив, ќе се овозможи јасна линија на отчет, исполнување на обврските и јасна линија на буџетирање. Со ова, како што вели, ќе се избегне праксата на создавање на независни институции надвор од закон.

– Како што ние имавме пракса да создаваме независни институции, агенции со посебни закони, така што сето тоа ќе се подведе под еден закон и ќе се воспостави целосно нова архитектура и структура на работењето на државната управа што ќе обезбеди таа да биде поекономична, поефикасна, поодговорна и отчетна кон граѓаните, рече таа.

Во пракса, како што информираше министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, ова ќе значи дека неколку институции и агенции ќе бидат споено во едно.

– Бидејќи засега има констатации од експертите дека ја вршат истата работа и треба да бидат едно, а не две или три во некои случаи. Исто така, ќе имаа агенции кои ќе бидат затворени, односно трансферирани како сектор во некое друго министерство, бидејќи експертите, исто така, во тој случај констатираат дека не мора да има некоја агенција со седум члена на Управен одбор и директор, односно само администрацијата е важна во таа агенција, рече тој.

На новинарско прашање дали тоа ќе значи намалување на вработените, министерот одговори дека ќе има намалување на бројот на директори и на членови на управни одбори, а не на вработените.

– Вработените ќе бидат трансферирани. Значи, со реорганизација нема ниеден вработен да биде отпуштен од работа бидејќи посебно во централна власт ние имаме дефицит на вработени, така што можно е да има прераспределување, меѓутоа вработените ќе останат. А, да ќе има директори кои денеска се директори, а во 2024 штом таа институција нема да има веќе директор нема да бидат директори, рече тој.

Како пример го посочи постоечкиот Инспекциски совет, кој, со реорганизацијата нема да постои, односно, како што рече, администрацијата што е во Инспекциски совет ќе биде трансферирана во министерството, исто што и МАРНЕТ, кој ќе биде префрлен во Министерството за образование и наука.

Амбасадорот Дејвид Гир, Шеф на Делегацијата не Европската Унија, истакна дека ефикасни државни институции се од клучна важност за развојот на секоја земја и особено за испораката на услуги на граѓаните. Како што рече, тие, исто така, ќе бидат од суштинска важност за напредокот на оваа земја на својот пат кон ЕУ.

– Ова е особено важно бидејќи нема воспоставен закон на ЕУ во врска со уставната структура, ниту пак постои единствен модел меѓу земјите членки на ЕУ, што значи дека постои богата разновидност на избори коишто се базираат на основните критериуми за обезбедување на отчетност, ефикасност на јавната администрација. ЕУ игра важна улога во овој процес преку финансирање на експертите како дел од овој функционален преглед, рече тој.

Евроамбасадорот посочи дека треба да се очекуваат дополнувања за преостанатите министерства, а според него, реформата на јавната администрација е во сржта на овој процес.

– Без развивање на делотворна и ефикасна администрација процесот на пристапување нема да биде успешен не само заради тоа што се потребни реформи, не само заради инфраструктурата која што треба да се воспостави и ја вклучува администрацијата, туку и заради тоа што идната земја членка треба да има администрација со капацитет што ќе обезбеди спроведување на европското право и да обезбеди земјата да може да биде еднаков партнер којшто може да ги искористи можностите коишто постојат преку пристапувањето, порача евроамбасадорот.

Вицепремиерот, Артан Груби, истакна дека доброто функционирање на институциите е предуслов за креирање и успешно спроведување на политики кои го промовираат социјално-економскиот развој во нашата земја.

– Последните извештаи на Европската Комисија континуирано се однесуваат на приоритетите за зголемување на професионалноста и унапредување на ефикасноста на државната администрација, што е можно само преку воспоставување на јасни линии на одговорност и зголемување на нивото на транспарентност, како и намалување на нивниот број, рече тој.

Груби, исто така, информираше дека по завршувањето на пилот проектот, Владата се обврза да го започне процесот на реорганизација од јануари 2024 година.