Миркуловски со пораз се прости од Хановер

Екипата на Хановер Бургдорф го одигра последниот домашен меч во Бундеслигата оваа сезона што претставуваше и збогување на македонскиот репрезентативец со публиката, иако немаше среќа тоа да го направи успепшно.

Хановер загуби од Кил со 26:28, а Миркуловски остана без постигнат гол, дури и без ниту еден шут кон голот, а единственото нешто што имаше во својата статистика беше едно исклучување.

Хановер беше доста конкурентен и водеше со 15:13 во првиот дел, но Кил ја презеде контролата во продолжението. Чаба Шуч со 6 гола беше најефикасен на натпреварот, а Домагој Дувњак беше прв стрелец кај Кил со 5 погодоци. На табелата Хановер остана на 12-то место со 29 бода, 3 помалку од Вецлар, кој е 9-ти.

Во последното, 36-то коло од оваа сезона Хановер ќе гостува кај Мелзунген, додека Вецлар ќе игра против Гепинген на својот терен што, пак, ќе претставува можност за Дејан Манасков да се прости со своите навивачи.