Палестинскиот челник Махмуд Абас во неделата мировната понуда на американскиот претседател Доналд Трамп ја нарече „шлаканица на векот“.
„Му одговараме на Трамп дека не го прифаќаме неговиот план, аферата на векот се претвори во шлаканица на векот“, рече Абас во Рамала на почетокот од состанокот на Централниот одбор на Палестинското ослободително движење (PLO) на кој треба да се разгледа одговор на американското признавање на Ерусалим за престолнана на Ерусалим од 6-ти декември.
Абас, исто така, рече дека Израел ги завршил израелско-палестинските договори од Осло за палестинската автономија потпишани во 1993 година. „Нема веќе договори од Осло, Израел ги заврши“, повтори палестинскиот лидер и додаде дека на овој дводневен состанок треба да се донесат одлуки за иднината.
По шест месеци тајни преговори во Осло на 13-ти септември 1993 година Израел и PLO се договорија за меѓусебно признавање и го потпишаа во Вашингтон во присуство на американскиот претседател Бил Клинтон документот наречен „Начелна декларација“ за преодната петгодишна автономија,
Абас претходно во декември рече дека САД повеќе не можат да бидат посредници во мировните преговори откако Трамп го ефектуираше законот за признавање на Ерусалим за израелска престолнина и за почнување на процесот на преселување на американската амбасада од Тел Авив.
Осумдесет и двегодишниот Абас, која е на чело на Палестинската автономија од 2005 година, рече и дека нема да се сретне со американскиот потпретседател Мајк Пенс, чијашто посета првично беше предвидена за средината на декември, а потоа беше одложена за 22-ри јануари. Тој, исто така, рече дека нема да прифати никаков мировен план кој ќе го предложи Вашингтон. „САД самите се дисквалификуваа“, заклучи палестинскиот претседател.