Мировните преговори за Газа прекинати, продолжуваат следната недела

Мировните преговори за Газа во катарската престолнина Доха беа прекинати во петокот, а преговарачите се очекува повторно да се сретнат следната седмица за да се обидат да постигнат договор за прекин на борбите меѓу Израел и палестинското движење Хамас и ослободување на преостанатите заложници.

Во заедничката изјава, САД, Катар и Египет соопштија дека Вашингтон предложил нов договор врз основа на точките од минатонеделниот договор, кој ги премостува разликите меѓу двете страни и треба да доведе до брз договор. Медијаторите ќе продолжат да работат на предлогот и во наредните денови, велат оттаму.

„Патот сега е поставен за тој исход, спасување животи, доставување помош за жителите на Газа и деескалација на регионалните тензии“, велат посредниците.

Израелски официјален претставник изјави дека израелската делегација се упатила дома доцна во петокот и дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху треба да се сретне со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во понеделник.

Последната рунда повеќемесечни разговори за ставање крај на војната во Газа, во која загинаа десетици илјади Палестинци, започна меѓу Израел и посредниците во четвртокот.

Палестинската милитантна група Хамас не е директно вклучена во преговорите, но е запознаена што се случува таму.

Клучните точки на несогласување беа инсистирањето на Израел дека мирот може да биде возможен само ако Хамас биде уништен, додека Хамас вели дека ќе прифати само трајно, а не привремено примирје.

Други тешкотии вклучуваат редоследот на спроведувањето на договорот, бројот и идентитетот на палестинските затвореници кои ќе бидат ослободени заедно со израелските заложници, контролата на граничниот премин меѓу Газа и Египет и слободата на движење на Палестинците во Газа.