Владо Мисајловски ќе биде новиот министер за Одбрана. На оваа позиција доаѓа од пратеничкото место во Собранието, но и потпретседателското место во ВМРО-ДПМНЕ.
Мисајлоски забележа убедлива победа во втората изборна единица на последните избори каде се соочи со долгогодишниот министер за внатрешни работи кој беше декласиран во избрната трка од Мисајлоски.
Тој е магистер на факултетот за општествени науки на одделот Дипломатија и меѓународна политика. Почетоците ги има направено во Собранието, во кабинетот на претседателот на оваа институција, каде го добива својот прв ангажман како помлад соработник за меѓународна политика. За кусо време станува Советник за меѓународна политика во Кабинетот на претседателот на Собранието.
Бил и раководител на секторот за поддршка на градоначалникот на Општина Центар, додека запливува во дипломатските води како државен секретар во министерството за надворешни работи. Од таа позиција активно работи за исполнување на високите НАТО стандарди и тесно соработува со структурите на северноатланската алијанса.
Како пратеник е член на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за надворешна политика и претседател на комисијата за транспорт и животна средина.Мисајловски бил и државен секретар, а подоцна и министер за транспорт во Владата на ВМРО-ДПМНЕ на Груевски. Претходно беше и прв човек на државната агенција за патишта. Со доаѓањето на Мицкоски на чело на ВМРО-ДПМНЕ станува нејзин потпретседател. Луѓето што го познаваат велат дека е одмерен и чесен човек, професионалец во извршување на работните ангажмани. Владо Мисајловски е семеен човек, сопруг, татко на две деца. Тој во едно од ретките интервјуа каде говори за приватниот живот изјави дека заедно со сопругата прва обрска им се децата.