Мисајловски – Бардуани: Продолжуваме со придонесот во КФОР кој ја зацврстува регионалната безбедност

„Македонската Армија ќе го продолжи својот придонес во мисијата на НАТО на Косово, КФОР зашто на тој начин се зацврстува безбедноста и стабилноста во регионот. Тоа е исклучително значајно во овој период на нестабилност и нарушена глобална безбедност“, рече министерот за одбрана Владо Мисајловски на средбата со командантот на КФОР, генерал-мајор Енрико Бардуани, реализирана денеска (20 декември) во Министерството.

Министерство за одбрана

Мисајловски изрази задоволство што сите македонски контингенти кои биле дел од КФОР имаат одлична соработка со командата, како и со припадниците на останатите земји чии припадници се дел од оваа мисија. „Заеднички даваме придонес во одржувањето на безбедноста на Косово, но и секојдневно учиме едни за други, ја развиваме интероперабилноста и покажуваме дека сојузниците сакаат Балканот да остане мирен, стабилен и безбеден“, додаде министерот.

Министерство за одбрана

Мисајловски се осврна и на македонскиот придонес во колективната одбрана на НАТО – учеството во мултинационалните сили на Алијансата во Романија, Бугарија и Латвија, како и придонесот кон ЕУ операцијата АЛТЕА во БиХ и мисијата на Обединетите Нации во Либан, УНИФИЛ.

Генералот Бардуани на средбата се заблагодари за придонесот на нашата држава во рамките на мисијата КФОР, што, рече, е во функција на мирот и стабилноста во регионот.

Мисијата на НАТО на Косово, КФОР, датира од 1999 година во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН. Во моментов во оваа мисија во која партиципираат 29 нации, учествуваат и 70 припадници на македонската Армија. Дополнително, со отворањето на Координативниот центар за поддршка од земја-домаќин во 2005 година, нашата држава обезбедува и постојана логистичка поддршка на оваа НАТО-мисија.