Министерот за одбрана Владо Мисајловски беше гостин по поткастот на КУРИР, „Наткаст“ со Љупчо Цветановски и меѓу другите теми, тој ексклузивно откри дека 2025-та ќе биде година за модернизација на македонската одбрана.
-Претходно што се потпишале повеќе договори, оваа година ќе ги реализираме. Најдраго ми е што огромните договори кои ги имаме со САД, оваа година ќе ги видат сите. За брзо време, на крајот на овој месец и на почетокот на следниот, стигнуваат новите оклопни транспортери. Станува збор за Страјкер, кои се едни од најмодерните и очекуваме до крајот на годината да стигнат сите, преку 40, што е навистина сериозна инвестиција, но и едни од најдобрите проекти. За брзо време од сега ќе имаме една убава промоција за секој еден од граѓаните да види каква опрема стигнува во Македонија, рече тој.
Мисајловски откри дека до крајот на годината постепено ќе стигнуваат во Македонија и лесните оклопни возила.
-Ќе имаме една сериозна бројка на оклопни лесни возила, каде што единицата, особено Лесната пешадиска батаљонска група, ќе можеме да видиме како ги добива овие возила, а потоа со нив да функционира, согласно оние оперативни барања кои што ги имаме како министерство, но и тоа што го налага НАТО. Имаме и други договори, имаме и со Турција, со Франција, стига артилериска и противвоздушна опрема, истакна Мисајловски.
Тој ексклузивно откри дека пред неколку недели, на затворена седница на Влада поминале 6 договори со САД за воена опрема.
-Вчера на собраниската комисија за одбрана помина информацијата, каде имаме 6 нови договори Влада со Влада. Ова се први договори кои како ново раководство можеме да ги потпишеме. Јас сум навистина среќен. Станува збор за многу сериозна опрема, каде наредниов период ќе започне производство и наредните години ќе пристигне. Станува збор за едни од најсовремените беспилотни летала со домет од 10-20 км, конверзија на оружјето што го имаме, согласно потребите од НАТО со овој договор ќе направиме конверзија. Дополнителни договори за Сајбер безбедност, бидејќи е многу важна… рече Мисајловски.
Како што дознава КУРИР, станува збор за:
1. Набавка на пешадиско вооружување, муниција и индивидуална опрема.
2. Набавка на Сајбер одбранбени способности
3. Набавка на капацитети и способности за Сајбер одбранбени способности
4. Набавка на PUMA UAS беспилотни системи до 20 км
5. Набавка на RAVEN UAS беспилотни системи до 10 км
6. Набавка на комплет за контрола за здружен оган и комплет за наведување на здружени огнови