Мисајловски: Мора да има одговорност за жртвите во Тетово

Искажуваме најдлабоко сочувство кон семејствата на вчера настраданите наши сограѓани во пожарот во болницата во Тетово, изјави на денешната прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски и порача дека нема доволно зборови за утеха за оние кои ги изгубија најблиските.

Нека Господ биде со нив, им дава сила да ги поминат овие најстрашни моменти, рече Мисајловски.

„Глетката од Тетово е жална и трагична. Ужасна трагедија. Искажуваме и длабока благодарност и до пожарникарите од Тетово и до медицинскиот персонал од болницата во Тетово, кои први се најдоа на местото, како и на граѓаните од Тетово кои даваа прва помош за санирање на и онака ужасните последици од овој настан. Животите на луѓето се најскапиот дар, тие не смеат да завршат така како што завршија на повеќе наши сограѓани во Тетово. Барајќи здравје од државата, наши сограѓани, на општа жал, најдоа ужасна смрт. Државата, преку својот здравствен систем, од моментот на прием на пациентите во болница е одговорна за нивните животи. Ниту еден живот не смее да згасне поради нестручност, некадарност и неодговорност при менаџирање со здравствениот систем“, вели Мисајловски.

ВМРО-ДПМНЕ ќе се воздржи од тешки зборови во овие денови за неспособноста на оваа Влада.

„Не сакаме да внесуваме политика во најтрагичниот момент од животите за многу наши луѓе и сограѓани од Тетово и тетовско. Но за почеток, денес и без одложување мора да има функционална и морална одговорност, народот очекува неотповиклива оставка од Венко Филипче и Зоран Заев. Оставка затоа што народот не верува во институциите управувани од оваа власт, двајцата ќе бидат и објективна пречка за транспарентна и неутрална истрага која мора да ја има. Народот бара извештај кој ќе е веродостоен, точен и прецизен. Народот очекува одговор каде е причината и одговорноста без влијание на моќ која што во моментот ја поседуваат Венко Филипче и Зоран Заев. Сочувство до сите фамилии“, нагласи Мисајловски.