Мисајловски-Сајовиц: Македонско-словенечката соработка е пример за сојузништво и меѓусебна доверба

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска престојува во официјална посета на Словенија, каде со највисоки воени почести беше пречекан од неговиот словенечки колега, министерот за одбрана Борут Сајовиц.

Во рамки на посетата, министерот Мисајловски, како што соопшти МО, остварил тет-а-тет средба со Сајовиц, по што се одржале разговори меѓу двете делегации, а бил потпишан и Планот за билатерална соработка меѓу двете земји за 2025 година.

Мисајловски ги оценил македонско-словенечките односи во делот на одбраната како пример за тоа како треба да соработуваат две исклучително пријателски и сојузнички земји, истакнувајќи дека тие се базираат исклучиво на меѓусебна почит и силна доверба.

– Соработуваме во многу области во одбраната – против-воздушната одбрана, логистиката и јавните набавки, военото разузнавање, инспекцијата, НАТО – планирачкиот процес и многу други. Нашите војници не само што вежбаат и се обучуваат заедно, тие заедно го носат товарот и на колективната одбрана на Алијансата, служејќи во мултинационалните сили на НАТО во Латвија. Во тоа се гледа заедништвото, истакнал Мисајловски на заедничката прес-конференција со министерот Сајовиц.

Министерот за одбрана се осврнал и на словенечката поддршка во борбата со пожарите минатото лето при што нагласил дека таа е круна на соработката и дека „професионалноста на припадниците на словенечките вооружени сили, полиција и цивилна заштита и нивната пожртвуваност … е видена и неизмерно ценета“.

Како чин на благодарност, как што е наведено во соопштението, денеска во вилата Подрожник, Мисајловски ќе им додели признанија на припадниците на словенечката полиција, Армијата и на Словенската управа на заштита и решавање, кои беа активно вклучени во борбата со пожарите.

Словенечкиот министер Сајовиц ја оценил соработката во одбраната како „многу добра“ и дал силна поддршка за членството на нашата земја во Европската Унија, укажувајќи дека членството во Унијата е добро и за животот и безбедноста во регионот.

Сајовиц се осврнал и на заедничките активности во регионален и НАТО контекст, споменувајќи ги Балканските медицински наменски сили и Централно-европската одбранбена соработка, како и заедничкото учество во мултинационалните сили на НАТО во Латвија.