Оваа година ќе започнеме со реконструкција на автопатската делница од Неготино до Демир Капија во должина од околу 9 километри. Во тек е тендер за избор на градежна компанија што ќе ја врши реконструкцијата, најави министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски при денешната посета на Општина Неготино, каде присуствуваше на поставување на камен темелник на водоводна мрежа во село Пепелиште.
Во однос на почетокот на реконструкцијата на автопатската делница од Неготино до Демир Капија, Мисајловски рече дека тендерот трае до 23-ти март и очекуваат да се јават повеќе заинтересирани компании.
Проценетата вредност за реконструкцијата на оваа делница е 8 милиони евра. Очекувам градежните работи да започнат во втората половина од оваа година и да траат 18 месеци. Исто така многу важно е да спомнам дека активно се работи на изградба и на новата автопатска делница Демир Капија – Смоквица која очекуваме да ја завршиме оваа година. Во исто време започнавме и со реконструкција на делницата од Смоквица до Гевгелија, така да некаде за отприлика две години ќе имаме модерен автопат на Коридорот 10, рече Мисајловски.
Во делот на патиштата, Мисајловски информираше дека во скоро време ќе го завршат и патот до Криволак.
Чекаме да отпочнат со работа асфалтните бази за да може патот да се асфалтира. Оваа година планираме со околу 8,5 милиони денари да извршиме реконструкција и на регионалниот пат Неготино до Кавадарци, а во 2017 година планираме уште 7 милиони денари. Во моментов ја реконструираме и железничката станица Неготино како дел од проектот за реконструкција на станиците долж Коридорот 10. Очекуваме оваа година таа да биде завршена, рече Мисајловски.
Тој нагласи дека активно се работи и на реконструкција на железничката пруга од Ногаевци до Неготино инвестиција од околу 9 милиони евра. Генерално, рече министерот, инвестициите во овој регион надминубваат над 230 милиони евра.