Мишел: Црна Гора треба да остане на европскиот пат, не само со зборови

Европската унија очекува дека Црна Гора ќе одржи позитивен реформски моментум и ќе постигне резултати на стратешкиот пат кон Унијата, не само преку зборовите, туку и преку постапките на сите политички актери, соопшти кабинетот на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

„ЕУ смета на фактот дека Црна Гора ќе одржи позитивен реформски моментум и ќе постигне резултати на стратешкиот пат кон ЕУ, не само со зборови, туку и во постапките на сите политички актери, во согласност со целта на земјата да се приклучи кон ЕУ како следна земја членка“, се вели во соопштението објавено по средбата на Мишел со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ.

„Има нов моментум во процесот на проширување на ЕУ и Црна Гора како лидер во пристапниот процес има реална можност за напредок. Тоа не треба да се пропушти или земе здраво за готово“, се додава.

Мишел се сретна со Милатовиќ во Брисел, наместо во Црна Гора, како што беше претходно планирано, бидејќи претседателот на Европскиот совет ја одложи посетата откако црногорскиот парламент ја усвои резолуцијата за Јасеновац, но немаше најава дека тоа е токму причиината.

Парламентот на Црна Гора во петокот на иницијатива на просрпската десница усвои резолуција за геноцидот во концентрационите логори Јасеновац во фашистичката ткн Независна држава Хрватска (НДХ), и Дахау и Маутхаузен во нацистичка Германија во Втората светска војна. Резолуцијата ја поддржаа 41 претставник на власта која посочи дека таа не е насочена кон ниеден народ, а опозицијата и еден од владејачките пратеници ја напушти салата, така што на гласањето не присуствуваа речиси половина од вкупно 81 пратеник.

Во остар одговор, хрватското Министерство за надворешни и европски работи, меѓу другото, истакна дека усвојувањето на резолуцијата ќе ја забави интеграцијата на Црна Гора во ЕУ и ја повика Подгорица да ги гони воените злосторства што се случиле за време на опсадата на Дубровник во војните при распадот на некогашна СФРЈ.

„Добрососедските односи остануваат суштински елемент на процесот на пристапување и не треба да бидат загрозени“, се наведува во изјавата на Мишел, додавајќи дека „го цени ангажманот на Милатовиќ на овој план“ во објавата во која има латента закана за блокирање на црногорскиот пат кон ЕУ.