Мишел: ЕУ мора да се подготви за проширување, а аспирантите веќе знаат што треба да прават

Европската унија мора да се подготви за проширување, а земјите кандидатки мора да ги исполнат критериумите, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во петокот во Гранада, во пресрет на почетокот на неформалниот самит на ЕУ на кој ќе биде отворена дискусијата за новата европска стратегијата.

Мишел рече дека самитот на Европската унија во Гранада е „многу важен, бидејќи ќе започне дебатата за стратешката агенда на Европската унија“, а дебатата ќе се води во три насоки. „Прво – што сакаме во иднина, кои ќе бидат нашите приоритети и заеднички политики, земајќи ги предвид плановите за проширување. Второ – како ќе одлучуваме заедно и трето – како ќе плаќаме за заедничките политики и иницијативи во иднина“, рече претседателот на Европскиот совет.

Црна Гора и Србија водат преговори со години, Македонија и Албанија официјално ги отворија дури минатата година. Босна и Херцеговина доби кандидатски статус во декември минатата година, половина година по Украина и Молдавија, а овие одлуки беа забрзани со руската инвазија на Украина. Косово и Грузија имаат статус на потенцијален кандидат. Преговорите на Турција со Унијата започнати пред повеќе од две ипол децении повторни се блокирани од 2018 година и нема знаци дека би можеле да заживеат.

„Проширувањето значи дека земјите-кандидати треба да спроведат реформи, тие знаат што треба да направат. А Европската унија треба да се подготви“, нагласи Мишел.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во петокот изјави дека декларацијата од самитот во Гранада ќе содржи „позитивен и отворен јазик за процесот на проширување на Европската унија“.

„Со оглед на тоа што Хрватска последна влезе во Европската унија, а таму е веќе 10 години, ние со нашето знаење и помагаме на Југоисточна Европа, како и на Украина и Молдавија“, додаде Пленковиќ.

Двете страни имаат домашна задача, изјави естонската премиерка Каја Калас. „Ако земјите ги исполнуваат критериумите, би било погрешно да им се каже дека не сме подготвени“, рече Калас.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој често се судира со бирократијата во Брисел, ги обвини челниците на ЕУ за „себичност“ во однос на Грузија. Кога Украина и Молдавија добија кандидатски статус, на Грузија ѝ беше кажано дека има перспектива, но сè уште не е подготвена да стане земја кандидат.

„Тоа е неправедно кон вас. А потребни сте ни“, рече Орбан.

За членството на Украина во ЕУ, Орбан посочува дека има многу отворени прашања и сомнежи, а еден од нив е и војната во таа земја.

„Ако сакаме сериозно да разговараме за членството на Украина, потребен ни е стратешки документ. (…) Треба да знаеме зошто е добро да се интегрира Украина во Европската унија и какви се последиците за земјоделството, безбедноста, кохезиониот фонд, “ изјави Орбан.