Претседателот на Советот на Европа, Шарл Мишел го повика поранешниот американски претседател Доналд Трамп да ги разгледа фактите кога станува збор за европските придонеси во воените напори на Украина, по коментарите на републиканскиот претседателски кандидат дека ЕУ мора да стори повеќе за да му помогне на Киев.
„Не плашете се од (рускиот претседател Владимир) Путин. Ние од него не се плашиме. Ајде да ги разјасниме фактите“, му порача Мишел на Трамп во објавата на социјалните мрежи.
Доналд Трамп претходно на социјалните мрежи изјави дека не разбира зошто САД повеќе инвестираат во војната во Украина отколку во Европа, иако „ги дели океан“, потсетува Политико.
„Бројките зборуваат сами за себе. Придонесот на ЕУ за Украина е 143 милијарди евра“, одговори Мишел на критиките на Трамп.
Со години, Трамп ги обвинуваше европските сојузници во НАТО дека се потпираат на Вашингтон за да обезбеди заштита од непријателски странски сили и ги притискаше да инвестираат повеќе во одбраната.
Членките на ЕУ ветија дека ќе обезбедат околу 144 милијарди евра воена и финансиска помош за Украина, но одвоија само околу 77 милијарди евра за испорака, наведува германскиот институт Кил, кој собира национални придонеси за воените напори на Киев.
Според податоците на институтот Кил, САД се обврзаа да одвојат околу 68 милијарди евра вкупна помош и издвоија околу 66 милијарди евра за испорака, што, според Политико, Вашингтон испратил малку поголема воена помош за Украина отколку Европа.
Претставничкиот дом на САД викендов се очекува да гласа за помошта од 61 милијарда долари за Украина, на што Трамп се противи и чија испорака со месеци беше блокирана од републиканците во Конгресот.