Единството покажано во реакциите на пандемијата на ковид-19 и на рускиот напад врз Украина се најголемите достигнувања на Европската унија во последните пет години, рече претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во своевидно проштално интервју.
Мишел помина десет години во Европскиот совет, првите пет како белгиски премиер, а останатите како претседател на најважното политичко тело во ЕУ. Неговиот мандат истекува на 1-ви декември, кога на негово место ќе дојде поранешниот португалски премиер Антонио Кошта. Последниот самит на Мишел ќе биде неформален самит на 8-ми ноември во Будимпешта.
Тој смета дека начинот на кој ЕУ реагираше на пандемијата ковид-19 е едно од најголемите достигнувања во последните пет години.
„Фактот што едногласно ги донесовме одлуките е можеби поважен од финансиските бројки“, односно создавање инструмент за економско закрепнување од последиците од пандемијата, рече Мишел во интервју за европската редакција (ENR), заедничка проект на околу 20 европски новински агенции.
Како главни предизвици за иднината на ЕУ, тој гледа како да се обезбеди поголем економски раст и повеќе иновации и како да се инвестира повеќе во развојот на европските одбранбени капацитети. Мишел вели и дека треба да се зајакне улогата и видливоста на ЕУ во светот.
Како уште едно достигнување го посочува единството во реакцијата на руската агресија врз Украина, кога ЕУ одлучи да ѝ помогне на Украина колку што може и да воведе санкции кон Русија.
Притоа тој ја нагласува важноста на единството на ЕУ и Европскиот совет како чувари на тоа единство. „Европскиот совет е на некој начин контролната кула на европското единство, тој е негов чувар“, рече тој.
Вели дека реакцијата на ЕУ на рускиот напад врз Украина била патоказ за другите актери во светот да застанат на страната на нападнатата земја. Од друга страна, ЕУ можеше да биде поамбициозна кога станува збор за Блискиот исток.
„Ние сме првиот економски партнер на Израел и првиот партнер за палестинскиот народ и мислам дека треба да бидеме поамбициозни во користењето на алатките што ги имаме со двете страни. Го потценуваме влијанието што би можеле да го имаме доколку бевме поамбициозни“, рече Мишел, додавајќи дека блискоисточното прашање води кон поларизација во светот и во ЕУ.
Проширувањето е можно до 2030-та
„Апсолутно сум убеден дека е можно проширување до 2030 година. Во интерес на ЕУ е да не ги остави земјите од Западен Балкан во некоја сива зона, каде некои други играат игри за дестабилизација на овие земји и на ЕУ“, вели Мишел.
Посочува дека проширувањето не треба да се одложува бидејќи колку станува потешко, толку повеќе „некои други кои не ги делат нашите вредности“ ќе го искористат тоа. Смета дека нерешените спорови меѓу земјите кандидати, како и меѓу земјите-кандидати и земјите-членки се најголем предизвик за проширувањето.
„Кога станува збор за финансиските последици од проширувањето за ЕУ, земјите од Западен Балкан не се голем проблем поради нивната големина, додека Украина е нешто покомплициран случај бидејќи нејзиниот влез ќе има видливи последици врз структурата на Европската буџет поради големината на земјата, но исто така е можно да се најдат прагматични решенија“, вели Мишел.
За едногласноста како можна пречка за проширување, вели дека работите не се „црно-бели, туку вистината е на средината“. Во многу области, во ЕУ одлуките се носат со квалификувано мнозинство, додека едногласноста е предвидена за најчувствителните области како што се надворешната политика или безбедноста.
Мишел предупредува дека пребрзо откажување од едногласноста би довело до недоволни напори за создавање обединета позиција и може да доведе до фрустрација и поделеност. Од друга страна, едногласноста бара многу труд, полека се носат одлуките, но на крајот се добива единство кое ја зајакнува ЕУ.
Миграции
Мишел вели дека е постигнат голем напредок по прашањето на миграцијата со усвојувањето на Пактот за миграција и азил, кој ќе почне да се применува во 2026 година.
Тој пакт беше усвоен со квалификувано мнозинство, поради што „некои земји се фрустрирани од некои елементи од тој договор“, вели Мишел и додава дека треба да се подобри и забрза враќањето на илегалните мигранти.
Малиот број враќања на илегални мигранти им дава надеж на оние кои се подготвуваат да влезат илегално дека ќе можат да останат во ЕУ, која ја експлоатираат шверцери на луѓе кои заработуваат од нив.
„Ние треба да одлучиме кој ќе влезе во ЕУ, а не шверцерите“, вели Мишел.
На крајот порача дека ЕУ мора да направи сѐ за да ја задржи поддршката од граѓаните.
„Таму треба да бидеме храбри и да објасниме што правиме, зошто го правиме тоа на тој начин, зошто ја поддржуваме Украина, зошто мислиме дека проширувањето е вистинскиот избор, зошто треба да се забрзаат напорите за вклучување на нови членки“, рече Мишел.