Мишел: Украина би можела да стане членка на ЕУ до 2030

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел го поддржува приемот на Украина во Европската унија до 2030 година, доколку се исполнат одредени услови и ако секој си ја заврши својата „домашна задача“.

– Украина може да биде дел од Европската унија во 2030 година доколку двете страни си ја завршат домашната задача, изјави Мишел во интервју за Шпигел. Тој порача и дека Европската унија мора да го забрза процесот на одлучување.

– Со брзиот прием на Украина, Европската унија би докажала и дека е способна за геополитичко дејствување, додава тој.

Сепак, тој нагласи дека нема да има олеснување на критериумите за пристап за Украина или други кандидати. Освен Турција, тоа се шесте земји од Западен Балкан и Молдавија.

– Украина и другите земји кандидати мора да спроведат реформи, да се борат против корупцијата и да ги исполнат законските услови, рече Мишел.

Проширувањето на ЕУ ќе биде тема на состанокот на европските лидери в четврток и петок во Гранада.

Украина е кандидат за членство во ЕУ од јуни 2022 година. За почеток на преговорите треба едногласна одлука на 27 земји-членки.

Преговорите за пристап може да траат неколку години и членството не е загарантирано.