Мисија на ОН бара повикување на Мјанмар на одговорност поради геноцид

Специјалната мисија за утврдување факти во Мјанмар апелираше да се бара одговорност на таа држава пред меѓународните правни тела во врска со тврдењата за геноцид врз муслиманското малцинство Рохинџи.

Независна меѓународна мисија за откривање факти за Мјанмар, во извештајот објавен по две години истражување и регистрирање на кршење човекови права од страна на безбедносните сили на земјата, откри дека операциите против Рохинџите во 2017 година вклучувале „геноцидни постапки“.

Илјадници луѓе беа убиени во операциите и повеќе од 740.000 припадници на малцинството Рохинџи беа принудени да избегаат во Бангладеш за да ги спасат своите животи.

Мисијата наведува дека заканата од геноцид сеуште постои за околу 600.000 Рохинџи кои се уште се наоѓаат во Мјанмар, каде живеат во очајни услови и се соочуваат со прогонства. Поради таа ситуација, невозможно е враќање на бегалците Рохинџи во нивната земја.

Во извештајот се додава дека и други мјанмарски малцинства, тие исто така се соочуваат со маргинализација, дискриминација и брутално однесување на војската.