Мисијата на NASA околу Месечината закажана за ноември 2024-та

Американската национална агенција за вселенски истражувања NASA го подготвува лансирањето на мисија со екипаж околу Месечината во ноември следната 2024 година, по успешниот пробен лет без екипаж, беше објавено во вторникот.

Челниците на NASA ја објавија новината за програмата „Artemis“ (Артемида), чијашто цел да ги врати мисиите со астронаути на Месечината првпат по завршувањето на историските мисии „Appolo“ во 1972 година.

Првата мисија „Artemis 1“ заврши во декември кога капсулата „Orion“ без екипаж безбедно се врати на Земјата по повеќе од 25 дена патување околу Месечината.

Мисијата „Artemis 2“, која треба да биде лансирана кон крајот на ноември 2024 година, ќе понесе четиричлен екипаж околу Месечината, но без да слета на природниот сателит на нашата планета.

„Со нетрпение очекуваме тој екипаж да лета на Artemis 2“, изјави за новинарите Џим Фри од NASA.

Агенцијата подоцна годинава ќе ги открие членовите на екипажот на мисијата. Засега се знае само тоа дека еден од нив ќе биде Канаѓанец.

Астронаутите од мисијата „Artemis 3“, пак, планирана за околу 12 месеци по „Artemis 2“, првпат ќе слетаат на јужниот пол на Месечината.

Во NASA се надеваат дека ќе воспостават трајна човечка присутност на Месечината и подоцна ќе покренат повеќегодишно патување на Марс.

Се истакнува, исто така, дека во рамките на целата мисија „Artemis“, NASA планира првпат да испрати на Месечината жена и лице кое не е со бела боја на кожата. Само 12 луѓе, сите белци, чекореле по Месечината.