Мисовски ќе ја води седницата за интерпелација, Џафери ќе седи до Ахмети, Мицевски прв ќе „распали“ по спикерот

Претседателот на Собранието Талат Џафери ќе ја отвори денешната седница за интерпелација за неговата работа поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, потоа со седницата ќе претседава потпретседателот Горан Мисовски, а собранискиот спикер ќе седне до својот лидер и пратеник Али Ахмети.

Според сценариото за пленарката, се очекува предлогот зошто Џафери треба да биде разрешен од функцијата претседател на Собранието да го образложи Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ како првопотпишан на барањето. По ова, Џафер ќе образложи зошто и натаму треба да остане на функцијата.

Распоредот на говорниците на седницата е два спрема еден пратеник во корист на опозицијата. Први за збор од ВМРО-ДПМНЕ се координаторот на пратеничката група Никола Мицевски и заменичката Дафина Стојановска, а завршниот „удар“ пред полноќ треба да го зададат Александар Николовски и Гордана Силјановска Давкова.

Според сценариото, расправата за интерпелацијата треба да вазрши околу 23.30 часот, за пред полноќ пратениците да гласаат.

Ни власта, ни опозицијата не очекува дека Џафери ќе биде разрешен од фунцијата. Според најавите, се очекува поддршка за Џафери да остане претседател на Собранието да добие од сите 64 пратеници од мнозинството.

Има шпекулации дека власта би играла на картата да не го изгласа дневниот ред и седницата за интерпелација да пропадне, но од власта велат дека тоа се „шеми“ кои ги пушта опозицијата и уверуваат дека седница за интерпелација ќе има.