Мисури и Луизијана го тужат Бајден за „дослух“ со социјалните мрежи

Американските сојузни држави Мисури и Луизијана поднесоа тужби против американскиот претседател Џо Бајден, како и за неколку претставници на администрацијата, обвинувајќи ги за „притисок и правење договор“ со големите социјални мрежи за цензура и отстранување информации за бројни теми, објави во четвртокот американската телевизиска мрежа Fox News.

Според прилогот, обвинителите на двете републикански сојузни држави во четвртокот поднеле заедничка тужба пред федераниот суд на Западниот округ Луизијана. Во неа се се вклучени и портпарлката на Белата куќа, Џен Псаки, директорот на Националниот институт за алеркиски и инфекциски болести Ентони Фаучи, како и уште неколку високорангирани функционери на американската администрација.

Според текстот на поднесокот, во кој имала увид телевизијата, обвинителите на двете спомената држави наведуваат дека тужените „под изговор за борба против дезинфорамции“ соработувале со интернет гигантите, особено со Twitter, YouTube и Meta, за цензурирање теми, како што се поврзаните со синот на претседателот Хантер Бајден, потеклото на коронавирусот и безбедноста на гласањето по пошта во време на пандемијата.

Според тужителите, Бајден и неговата администрација „ги принудувале, се заканувале и вршеле притисок врз социјалните мрежи да ги цензурираат непријатните говорници и ставови, користењето се со закани за владини дејствија“ против нив.