Американската сојузна држава Мисури го погуби осудениот убиец Ернст Џонсон во вторникот вечерта, откако и гувернерот Мајк Парсон и Врховниот суд одбија да го помилуваат и покрај молбата на папата Франциск, меѓу другото, и поради тоа што е ментално заостанат.
Поротата го прогласи сега 61-годишниот Џонсон виновен за убиството на тројца вработени на бензнска станица во 1994 година. Погубен е со смртоносна доза пентобарабитал, силен барбитурат, кој му е инјектиран во затворот во гратчето Бон-Теир.
Неговите адвокати изјавија дека имало многу докази за неговата ментална заостанатост. Тие побараа од Врховниот суд во вторникот да го запре погубувањето, бидејќи со него се крши уставната забрана за свирепо казнување на луѓе со ментални тешкотии.
Врховниот суд, кој инаку ретко ги блокира погубувањата, го одби и барањето на Џонсон во вторникот доцна попладнето.
Џонсон од раѓањето пател од алкохолен фетален синдром, во текот на целиот живот имал слаби резултати на тестовите за интелигенција и ги имал „секојдневните животни вештини“ на четиригодишно дете, тврдеа неговите адвокати.
Папата Франциск и поранешниот гувернер на Мисури, демократот Боб Холден, кој рече дека 20 луѓе се погубени во текот на неговиот мандат, бараа помилување на Џонсон.
Сегашниот гувернер Парсон го ускрати помилување во понеделникот, поради, како што соопшти неговиот кабинетот, „бруталното убиство“. Поротата го прогласи Џонсон виновен за претепување до смрт на Мери Бретчер, Мејбел Скрабс и Фред Џонс при што користел чекан, шрафцигер и пиштол.