Митева: Клинички центри во Скопје и во Штип и трасформација на здравството, се приоритети за владата на ВМРО-ДПМНЕ

„Приоритет на владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде изградба на нов Клинички центар во Скопје и во Штип. Тоа подразбира и укинување на економските директори на клиниките. Ова двојство кое базира преку врзани потписи на медицинскиот и економскиот директор, е една конфузија која не дава резултати, туку е само коалициски договор, истакна Марија Митева, портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

-Седум години власт на СДС и на ДУИ резултираше со уништен здравствен систем, незадоволни лекари и граѓани кои ја изгубија довербата во најхуманиот ресор. Затоа на здравствениот систем му е потребен комплетен рестарт. ВМРО-ДПМНЕ како идна влада, има визија, но и мисија да го стави здравството високо на приоритетите. Градиме нов концепт за здравството. Платформата за здравствената иднина предвидува комплетна трансформација. Приоритет ќе биде изградба на нов Клинички центар во Скопје и во Штип. Понатаму, ќе промовираме национална стратегија која ќе предвидува нов начин на водење на кадровска политика, преку современа и континуирана медицинска едукација, но и современа инфраструктура. Така ќе имаме задоволен медицински кадар кој нема да заминува од Македонија, а со тоа граѓаните ќе добиваат соодветни медицински услуги дома, изјави Митева.

Според неа, регионализацијата на здравствениот систем е за добивање на квалитетни здравствени услуги, и затоа идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе работи на стратегија за регионализација на болниците. Штипскиот клинички центар ќе биде една од тие регионални болници. Четврто, идната влада ќе врши редовното ажурирање на позитивната листа на лекови, односно проширување со нови лекови кои ќе го подобрат здравјето на граѓаните.

„Ќе работиме на 3 круцијални сегменти: ефективност, ефикасност и економичност во здравствениот систем. Така, јавното здравство во целост ќе ги пружа услугите на граѓаните. Во однос на тоа, една од главните цели на програмата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде зајакнување на капацитетите на јавниот здравствен систем. Воедно, ќе изградиме и нови пунктови за итна медицинска помош и ќе го зголемиме капацитетот на возилата согласно потребите на граѓаните. Ова е новиот здравствен концепт, новата платформа за иднина која подразбира целосна трансформација на здравствениот систем. Подобри услови за медицинскиот кадар и уште подобри услуги за граѓаните!, додава Митева.