Митева: По моето назначување за портпарол на Владата, поднесов неотповиклива оставка од функцијата пратеник

Новата портпаролка на Владата, Марија Митева по реакциите во јавноста за нејзиното извршување на две функции истовремено како портпарол и пратеник преку објава на „Фејсбук“ посочува дека веднаш по нејзиното назначување за портпарол на Владата поднела писмена неотповиклива осавка од функцијата пратеник.

– Прво и најважно е формалниот правен аспект кој во ниеден случај не е заобиколен, затоа што јас лично вчера веднаш по моето именување за Портпарол на Владата поднесов писмена неотповиклива оставка од позицијата пратеник и формално правно, јас ниту извршувам две именувани позиции истовремено ниту имам законска можност истото да го правам. Воедно, истото го темелам согласно одредбите од Законот за пратеници член 8 став 3 кој вели, цитирам: „Мандатот на пратеникот му престанува со денот на настануваьето на случаите од ставот 1 точки 2, 3, 4, 5 и 6 на овој член, што Собранието го констатира на првата наредна седница.” А, во ставот 1 точка 3 се вели дека, повторно цитирам: „На пратеникот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран, ако настапи случај на неспоивост на функцијата. Тоа јасно укажува дека мене мандатот ми е престанат, а Собранието на следната седница истото треба само да го констатира, наведува Митева во објавата.

Посочува дека со поднесената оставка нема да учествува во работата на Собранието до одржување на парламентарната седница на која треба да се коснтатира нејзината оставка.