Бележиме непрекинат галопирачки раст на бројот на заболени од КОВИД-19. Секој ден нов рекорд, секоја недела нов бран. Драматична e и состојбата со исполнетост на болничките капацитети, на помош се викаат приватни интернисти. Загрижувачката состојба со коронавирусот вчера беше тема на разговор и во вилата Водно. Но, иако бројките го покажуваат спротивното од таму децидно велат мерките се доволни, истакна на денешната прес-коференција Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа посочи дека моментално во земјата има 8587 активни случаи на корона вирус, а починале 977 лица.
-Задоцнетите мерки го дадоа својот резултат. Ако 85% од починатите се со хронични болести, прашуваме зошто во ниту еден момент не се таргетираа мерките кон ризичната група. Воедно ги вративте на работа, додека се’ друго префрлате онлајн. Мерките за задолжителна самоизолација на лица при тестирање за КОВИД-19 од закажување на тестот или самото тестирање до добивање на резултатот е уште еден показател за немањето на концепт од кои сите губиме. Тоа е најризичниот период. Дали досега никој не го контролирал? Кој е виновен за тоа? Чија е одговорноста? Затоа, ВМРО-ДПМНЕ предлага Владата и Министерството за здравство, да ги ослободи од работа хронично болните кои се најранливата група на луѓе. Дополнително, предлагаме да се овозможи и организира, бесплатно тестирање еднаш во месецот за сите здравствени работници кои имаат потреба и кај кои постои најголем ризик да заболат. Да ги заштитиме здравствените работници, нивните семејства, а со тоа да ги заштитиме и пациентите кои имаат потреба од здравствена услуга. Но, наместо активни мерки во време кога броиме заболени и починати, д-р Караџовски е меѓу годинешните добитници на наградата 13 Ноември што ја доделува Град Скопје како знак на признание за заслуги во здравството, останува само да честитаме, нагласи Митева.