Митева: Шилегов ги плаќа лед светилките по цена од 34.000 денари една

Огромната разлика во цените која ја согледуваме во тендерите кои ги склучува Градот Скопје, со онаа која ја има како највисока на пазарот е загрижувачка, вели Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.

Според неа, треба да се анализира договорот за партерно уредување на кеј 13 Ноември кој изнесува речиси 1,5 милиони евра, но мошне интересна е набавката за паметно осветлување.

–  Лед светилки како дел од проектот паметно осветлување во вредност од 34.000 денари една. Најверојатно, ова се едни од најскапите светилки. Јавните набавки кои согласно документација можеби делуваат сосема законски, ако ги погледнете одблиску многу јасно ќе ги забележите овие високи цени на опремата. Додека електричната енергија за граѓаните поскапува, Петре Шилегов презентира лажна грижа за сметките за енергија преку проектот паметно осветлување – вели Митева.

Таа забележува дека на Град Скопје му недостигаат многу работи кога станува збор за стратегијата и нејзиниот развој.

– Она што досега е проблем е што таа се води стихијно, без одржлива стратегија која е насочена кон реален развој. Проекти кои сами по себе чинат многу повеќе од реалната цена на пазарот го покажуваат начинот на кој се празни градската каса. Недостасуваат многу ветени проекти за Град Скопје кои воопшто не се започнати со реализација, но затоа не недостасуваат јавните набавки со високи цени. Од се досега можеме да констатираме дека на Шилегов најдобро му прилегаат само маалските муабети. – вели Митева.