По повод една година од почетокот на руската воена агресија врз Украина, Украинците во земјава ќе ја одбележат годишнината со положување цвеќе.
Здружението на Украинците „Лесја Украинка“, денеска ќе организира митинг со почеток во 12 часот на плоштадот „Македонија“. Учесниците на митингот, од плоштадот ќе се упатат во паркот „Жена борец“, каде што ќе положат цвеќе пред споменикот на Тарас Шевченко.
По повод годишнината, во Домот на АРМ во Скопје ќе се одржи и конференција насловена „Украина – година на хероизмот“, во организација на невладината организација „Цивил“.
Најавено е учество на: претседателот на државата Стево Пендаровски; претседателот на Собранието Талат Џафери; амбасадорката на Украина во Северна Македонија Лариса Дир; вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ; министерката за одбрана Славјанка Петровска; како и амбасадори и дипломати на повеќе земји од Европа, САД и Јапонија, експерти, аналитичари и претставници на граѓанското општество.
На настанот предвидена е и проекција на краток филм, изложба на фотографии и промоција на книга за Украина.