Митреска: Инфлацијата е предизвикана од увозните цени

Инфлацијата во македонската економија, како и кај повеќето земји во регионот, ќе биде движена од промените на увозните цени. Но, ова се глобални фактори коишто се оценети како привремени и иако се можни одредени преносни ефекти, поголеми ценовни притисоци не се очекуваат. Оттука, како и со оглед на оцените за отсуство на притисоци од побарувачката, нема потреба од промени во олабавената поставеност на монетарната политика.

Ова го истакна вицегувернерката Ана Митреска на редовниот годишен состанок на Банката за меѓународни порамнувања (БИС), на којшто се разговараше за предизвиците за монетарната политика во земјите на Централна и Југоисточна Европа.

Вицегувернерката посебно се осврна на движењето на инфлацијата во земјите во регионот, нагласувајќи дека во пандемиската 2020 година таа во просек забави и се задржа во зоната на умерени позитивни промени.

Во оваа слика се вклопува и македонската економија, со оглед на тоа што инфлацијата не претрпе поголеми промени и се задржа во контролирани рамки.

Очекувањата за инфлацијата за следниот период за целиот регион се под влијание на последните нагорни промени на цените на примарните производи на светските пазари, што е очекувано со оглед на големата трговска отвореност на овие економии и нивната увозна зависност.