Митрески, Пендаровски, Џафери и другите ќе добијат зголемување на платите од околу 2.000 денари

Платите на функционерите нема да се намалуваат ниту ќе останат исти, туку минимално ќе се зголемат. И покрај тоа што спречија енормно зголемување од 15,3 отсто, законските измени им донесоа одредено зголемување, објави Алсат.

Некои од функционерите ќе добијат минимално зголемување од 500 денари од февруарската плата, други до 2000 денари. Разликата е во тоа што за половина поен се намалуваат коефициентите со кои се множи основицата за пресметување на платата.

Претседателот на Собранието, Јован Митрески, од 166.207 денари месечна нето плата, сега ќе добива 168.305 денари. Претседателот Стево Пендаровски од 164.817, ќе добие згхолемување на 166.911. Техничкиот премиер Талат Џафери наместо 156.482, ќе биде платен со 158.549 денари. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи ќе добива 129.031, наместо 127.111 денари, додека министерот за надворешни работи Бујар Османи своите 125.489 денари ќе си ги зголеми на месечни 127.208 денари.

Основна плата е просечната плата во претходната година која за 2023 година изнесува 36.614 нето. Кога ќе се зголеми основицата ќе се зголемат и платите на државните функционери.

Со промената на пакетот од 6 закони кои стапија на сила, од февруари се коригирани платите на функционерите. За економските експерти ова фингирање пред избори се прави само за да се омекне револтот кај граѓаните кои беа против зголемувањето на платите на функционерите за 78 отсто.

И ова сега беше заборавено со обидот со законски измени да се намали коефициентот на плата за да не се зголемат платите на 1060-те избрани и именувани вработени за 15 отсто и повеќе.