Обидот за насилен упад во ССМ беше спречен благодарение на функционирањето на правниот систем. Дефинитивно е утврдено дека решението на техничката министерка Ременска било фалсификувано, дека не се спроведувани процедурите и дека не е направена постапка, а 13 од 17 грански синдикати јасно укажаа дека не учествувале нивни претставници, ниту, пак, била направена постапка. Решението е поништено од страна на Министерството за труд и социјална политика и никогаш во Централниот регистар не било избришано името на легитимниот претседател на ССМ Живко Митревски, рече Митревски на денешната прес-конференција во ССМ.
Нагласи дека се покажува оти таканаречениот в.д. претседател Димовски и претседателите на четирите грански синдикати кои се исклучени од ССМ немаат поддршка од членството и додаде дека тоа и визуелно се гледа и од денешното собирање пред зградата на ССМ.
Пред ССМ е собрана група од триесетина лица од кои половината не се ниту членови на ССМ и се пуштени од некои други структури. Тоа покажува дека целокупното членство на ССМ дава апсолутна поддршка на легитимно избраното раководство на ССМ заедно со претседателот, рече Митревски и додаде дека се отворени кон членовите на исклучените грански синдикати, но не и кон нивните претседатели, кои, како што рече, прават обиди да ја дезинформираат јавноста.
Тој ги обвини претседателите на четирите исклучени грански синдикати од ССМ дека направиле криминал и оти само на име на неплатена членарина во последните две години го оштетиле Синдикатот за повеќе од 15 милиони денари. Од нив повеќе од 2,5 милиони денари се од Агросиндикатот, над 4,6 од СИЕР, речиси 4,4 од УПОЗ и повеќе од 3,3 милиони денари од СУТКОЗ.
Митревски посочи дека се што се случува во последниот период во ССМ е оркестрирано и е поврзано со одредени структури од надвор и со одредени бизнис интереси.