Митревски избран за најдобар голман во СЕХА за октомври

Македонија има голман од светска класа кој руши рекорд по рекорд сезонава. Репрезентативецот Никола Митревски веќе два месеци нема рамен на себе во регионот, а и во Европа малкумина можат да се пофалат со неговите бројки и континуитет.

Чуварот на мрежата на Еурофарм Работник е најдобар голман за октомври во регионалната СЕХА лига. Битолчанецот собра вкупно 48 интервенции во регионалната лига во овој месец и избран е за најдобар голман.

Митревски беше најдобар и во септември во ова натпреварување, а во Лигата на шампионите имаше одбрана на третото коло, откако чудесно одбрани двоен зицер во поразот на Еурофарм Работник во Ирун.

Митревски е поштеден од ЕХФ-неделата и пријателските натпревари на Македонија, но по квалитетот и формата сигурно ќе биде дел од Европското првенство и веројатно прв наш избор меѓу стативите.