Митревски: Можни се постапки кон државата за насилното разрешување на претседателот на ССМ

Легитимитетот на претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Митревски потврден е од страна на Светската конфедерација на синдикати која е претставена од над 181 милион членови, работници, од над 160 земји од целиот свет, а исто така потврден е и легимитетот од страна на Светската федерација на синдикатите на градежништво, шумарство, графичка индустрија, што значи дека над 250 милиони работници го потврдија легитимитетот повторно претседателот Митревски, изјави во петокот на прес-конференција досегашниот претседател на ССМ, Живко Митревски.

Додаде дека од страна на генералниот секретар на Светската федерација на синдикати, Шарон Барл, испратено е писмо до Владата, премиерот Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, во кое се налага да се поништат сите претходни административни акти.

„Во ова барање се налага веднаш ова да се направи, да се поништи решението на Царовска, да се поништи решението на Централниот регистар со оглед на тоа што сѐ уште постојат постапки и пред Обвинителство, се уште постојат постапки и пред Судовите“, потенцираше Митревски.

Рече и дека се наведува оти кон Република Македонија ќе се преземат чекори согласно Статутот на Меѓународната организација на трудот, односно преку Комитетот на жалби, веднаш ќе биде поведена постапка против Република Македонија.

„Со овој чин јасно се укажува дека повреден е угледот на Република Македонија и со оглед на тоа што и Светската и Европската федерација, се социјални партнери на ниво на Европската унија со ваквиот начин се повредува и се доведува во прашање голем дел и членувањето на Република Македонија во европските и светските асоцијации“, истакна Митревски.

Посочи дека ова е прв пример во светот да се испрати писмо со барање, работите да се вратат во нормала.