Преспанско-пелагониската епархија, големиот христијански празник Велигден го прослави во централниот битолскиот Храм „Св. Великомаченик Димитриј“ каде богослужеше митрополитот г. Петар и кој точно на полноќ на сите православни верници им го честита празникот над празниците поздравувајќи ги со зборовите „Христос воскресна!“.
Во своето пригодно обраќање митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар истакна дека воскресението Христово ни ја дава вистинската смисла на животот и нагласи дека животот не е повеќе само збир на историски настани туку е заедница до Бога.
„Да го живееме воскресението значи човекот да се обожи, а светот околу себе да го освети. Ние денес живееме во едно чудно доба, во едно време на кризи на духот и културата. Во нашата свештена историја имало периоди на т.н. повторно вреднување на вредностите, но само во нашето време се појави загубата на вредностите. Со леснотија може да се воочи колку денес е изгубена концепцијата за духовните вредности, за верата, за нацијата, за правдата и правичноста, за бракот, за семејството, за чистотата и чистата природа, за љубовта кон Бога и ближниот. Намалена е вредноста и на самиот живот кој е најголем дар од Бога и стремежот да се избегне од обврска да се живее достојно и одговорно во секој поглед. Присутно е бегството од литургискиот живот и се постојано е итањето по светот на фантазијата“, рече меѓудругото митрополитот на преспанско пелагониската епархија и администратор австралиско-новозеландски г. Петар.
Преку воскресението Христово се надминаа сите проблеми на човекот, а овој ден, Велигден е избран ден, празник е над празниците, торжество над торжествата, истакна митрополитот г. Петар на централна велигденска свеченост што синоќа се одржа во Храмот „Св.Великомаченик Димитриј“ во Битола.