Митрополит г. Петар: Се роди најпросветлениот, за да го растури мракот и да ја просветли темнината

Се роди Царот, најмоќниот, за да може и најмалиот да стане и да извика – ние сме царски деца. Победник се роди, непобедливиот, да ги одбрани праведниците, да ги придобие грешниците, да ги собори злите духови под небото. Водач се роди, највидовитиот, да ги изведе и поведе изгубените. Се роди просветителот, најпросветлениот, за да го растури мракот и да ја просветли темнината, истакна митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар.

Утрово, на свечената Божикна богослужба, пред верниците во храмот „Свети Великомаченик Димитриј“, митрополитот г. Петар нагласи дека денеска се празнува натприродното Рождество на воплотениот и вочовечениот Логос Божји, се слави силата на Троичниот Бог што ги надминува законите на природата, но и силата на Божјата љубов со која човекољубивиот Бог го прегрнува човекот и светот.

-Се роди љубителот на човештвото, најљубениот, да ги прегрне кон градите свои и да им даде љубов на сите луѓе. Христос се роди! Поздравувајќи се со овие зборови, ние меѓусебно си потврдуваме и сведочиме дека во светот дошол оној што требало да дојде за спасение на човештвото, и дека не треба да чекаме некој друг. Да го славиме Бога и нека има мир на земјата. Нека надвладее добрата волја меѓу луѓето. Тоа беше најпотребно тогаш, ова е она што му е најпотребно на целото човештво и денес, рече митрополитот г. Петар.

Во своето обраќање до верниците, митрополитот г. Петар истакна дека Христос е потребен и денес, затоа што како што нагласи, без него, народите влегуваат од војна во војна.

-Ах, колку ни е потребен Христос и денес! Без него, народите влегуваат од војна во војна, луѓето запаѓаат од несреќа во несреќа, семејства одат од пропаст во пропаст. Без него, злобата навлезе меѓу луѓето и го распламти огнот на зависта и себичноста. Денес имаме сè повеќе и повеќе раскарани и закоравени луѓе, затапена совест, заслепени души, одроденост, омраза, монструозност и убиства. Сето ова се должи на оддалеченоста на човекот од Бога! Затоа, на народите и луѓето од нашето време, повторно им е потребен Христос. Не им треба никој повеќе од него. Им треба како дневен насуштен леб за гладниот, и како изворска вода за жедниот! Тој е единствениот што му е потребен на светот. Ништо друго и никој друг, нагласи митрополитот г. Петар.

Според востановената традиција, митрополитот г. Петар за време на Божиќните празници ќе богослужи и во други цркви на преспанско-пелагониската епархија.