Митрополитот на МПЦ-ОА, Петар, одбива да одговори кој ќе ја финансира телевизијата за која беше најавено дека тој ќе ја отвора и ќе почне да емитува програма од 1 мај.Тој вели дека 50 отсто од програмата ќе биде со забавен карактер, 30 отсто со образовно-документарен, како и дека ќе има и политичка содржина. Но, тој чувствително реагираше на прашањата за финансиите, односно од каде му се парите да отвори телевизија.
-Тоа да не го интересира никого, ниту мене ме интересира кој вас ве финансира. Битно е дека се чисти пари се, не се перени. Не сакам да се мешам никому во егзистенцијата и начинот на кој си ја уредува телевизијата, ни мене да не ми се мешаат, луѓето свој леб јадат – туѓо гајле берат“, изјави митрополитот во вечерашното гостување на „Топ тема“ на ТВ „Телма“.
Иако не сака да зборува за парите, митрополитот додаде дека политички телевизијата „нема да зазема страна“.
„Ние сме афирмативна телевизија, која ќе го афирмира нашето македонско богатство кое го поседуваме“, рече владиката Петар.
Тој ја појасни неговата неодамнешна изјава дека се однесувала за лицата кои го меуваат полот, односно за трансродовите лица, а не за жените. – Треба да се почитува тоа што го создал Господ. Машкото треба да си биде машко, а женското треба да си биде женско. За разводите на браковите, пак, сметам дека најголемата вина ја имаат мажите, оти тие си ги изневеруваат жените. Според црквата, жената треба да биде одвоена од мажот, а не разведена. Не мора да бидат заедно, но не мора да се разведат. Ние ги разведуваме жените и мажите кога ќе побараат, но треба да утврдиме зошто е побаран разводот. Кој е виновникот за разводот? Зборувам за црковниот суд, не граѓанскиот. Црковниот суд разведува или не разведува – рече владиката.
Во однос на неговите коментари кои ги разгневија феминистките дека жените често кога сакаат да докажат дека имаат еднакви права, ја запоставуваат својата улога на жена и мајка, митрополитот Петар посочи дека:– Има жени кои сакаат да имаат кариера и заради кариерата која сакаат да ја имаат, земаат контрацептивни средства и не сакаат да родат дете. Втората работа е дека има жени кои заради тоа што сакаат да уживаат во половите односи, не сакаат да раѓат деца, па затоа ќе ги абортираат. Проблемот е во тоа дека заради кариера, не сака да биде мајка. Заради кариера не сака да забремени – рече г. Петар.