Нема ништо лошо во тоа што претседателот Стево Пендаровски се сретна со вселенскиот патријарх Вартоломеј во Истанбул, изјави во неделата митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар, кој е задолжен за меѓународните односи во Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и истакна дека според него, единствено треба да има добра волја од страна на Српската православна црква (СПЦ), за ова прашање конечно да се надмине.
Претходно во саботата вечерта, исто така, во разговор за ТВ Сител, претседателот Пендаровски зборувајќи за неговата средба со вселенскиот патријарх Вартоломеј минатата седмица во Истанбул, на кусо се осврна и на иницијативата за сеопфатно признавање на самостојноста на македонската црква.
„Можам да кажам дека станува збор за процедура во која ќе се почитуваат црковните правила, дека Вселенската патријаршија е неспорно органот, кој дава Томос за независност. Дали и кога тоа ќе се случи зависи од нив. Има еден нов момент кој ми го објасни вселенскиот патријарх. Сега СПЦ, од каде доаѓа спорот со МПЦ-ОА, од каде ние треба да се оттргнеме за да добиеме автокефалност, има нов патријарх и во дијалогот треба и тој да биде консултиран, рече Пендаровски.
„Јас лично не бев информиран за тоа од никого, но претпоставувам дека вршејќи ја функцијата како претседател, ја имал таа можност да воспостави контакти и нема ништо лошо во тоа што направил средба со вселенскиот патријарх Вартоломеј“, рече во изјава за Сител, владиката Петар.
Оцени дека моментално поради ограничувањата воведени поради пандемијата на коронавирусотм македонското црковно прашање не е ажурирано во смисла што поскоро да се надмине и да се реши, но штом се отвори можност очекува покана за средба од Вселенската патријаршија.
„Тоа е исклучиво работа на време и се надевам при првите можности кои ќе и се укажат на нашата црква, од страна на Вселенската патријаршија, ќе бидеме најверојатно повикани на една официјална средба и на таа средба најверојатно ќе се каже мислењето и ставот како да се надмине прашањето со самостојноста на МПЦ“, истакна владиката Петар.
Потенцираше притоа дека македонскиот случај не треба да се споредува со украинскиот.
„Таму се работи за големо мнозинство на Руската православна црква. Кај нас таков случај ниту е, ниту може да биде, зашто она што кај нас се обиде да се направи со тој проект, ПОА, тоа е промашена работа, сме зборувале повеќепати, сите тие заедно не прават ни половина парохија. Сите тие прават стотина до 150 души. Тоа не може никако да биде споредба меѓу Украинската и Македонската православна црква, кај нас е чиста работата, јасно е сѐ“, појасни владиката Петар.
Според него, единствено треба да има добра волја од страна на СПЦ, за ова прашање конечно да се надмине.