Ние им се обраќаме со љубов и почит, но, што треба уште да направиме? Денеска ги слушнавме зборовите на Исуса дека не се пали светило за да се стави под поклоп туку се става на светилник за да им свети на сите в куќи. И Бог не го запалил светилникот што ни го врачил преку светите браќа Кирил и Методиј за да го покриеме туку за да го осветлува нашиот живот и да ни биде светлина за спасение. Ќе го ставиме ли ние тој светилник под поклопец? Ќе го направиме ли ние неполезен за нас? Нема ли да го земеме светилникот што светата Црква на секој еден ни го дава како Божјо благословение, за да го поставиме на лично и високо место во нашиот живот, порача денеска митрополитот Дебарско-кичевски, Тимотеј, на молебенот на гробот на Свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ во Рим.
Како што јави известувачот на МИА на молебенот, кој го предводеа митрополитот Тимотеј и митрополитот Европски, Пимен присуствуваше претседателката Гордана Сиљановска Давкова која ја предводи државно-црковната делегација во Рим во рамки на одбележувањето на Денот на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј. Претседателката и делегацијата, како и присутните се поклонија пред гробот на Свети Кирил.
– Таква нова ѕвезда и таков нов светилник за сите словенски народи се браќата св. Кирил и Методиј. Двата рамноапостолски светители се најголемите благодети за нашиот народ, бидејќи тие се светлина кои им даваат зрак на луѓето за да го видат неопфатливото Божјо небо. Тие се Божји угодници и покровители на нашиот народ и се светилници кои ни се дадени од Божјата рака за да ги осветлуваат сите патишта во нашиот живот – рече митрополитот Тимотеј.
Овие светилници, продолжи Тимотеј, биле благослов за нашиот народ уште пред многу векови. Светлината на светикирило-методиевото дело никогаш не згаснувало во животот на македонскиот народ, во животот на нашите свети манастири и во нашите скромни храмови. Ова дело продолжувало да свети за да биде надеж и верба за подобри времиња и црковно-национална слобода за време на долгите страдања и ропскиот период.
– Ние го почитуваме делото на светите браќа Кирил и Методиј и им го признаваме извонредното значење за ширењето на христијанската култура и за просветната христијанизација. Нивното дело е почитувано со благодарност преку изобразувањето на нивните свети ликови по нашите цркви и манастири, а на денот на нивниот спомен, но и секојдневно, ние им се обраќаме со љубов и почит – истакна Тимотеј.
Светилникот на св. Кирил и Методиј, односно служењето, посочи тој, треба да ги осветлува и сите ходници на нашиот живот по кои влегуваме и излегуваме. – Да не бидеме невнимателни кон христијанското звање, кое секогаш оживува кога врз него ќе падне светлината од големата ламбада на светикирило-методиевото дело, рече Тимотеј, нагласувајќи дека само така ќе одадеме слава и чест и молитвен поклон на светите сесловенски учители – тие сјајни ѕвезди на небесниот свод над нашиот народ и само така правилно ќе ги внесеме во верскиот живот неугасливите светилници што се запалени од Божествената светлина, за да бидат светилници на нашата лична, семејна и општествена судба.
– Светите браќа Кирил и Методиј да бидат покровители за напредокот на нашиот народ, на нашата словенска просвета и култура, за нашата православна Црква и за нашата држава. Тие да бидат застапници пред Бога за едномислие меѓу словените и за мир во целиот свет, онака како и што ги молиме во нивниот тропар. Амин – рече Тимотеј.
По молебенот, претседателката и делегацијата во базиликата „Санта Марија Маџоре“ ќе положат венец на спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј.