Митрополитот црногорско-приморски Амфилохије изјави дека е подготвен да се сретне со црногорскиот премиер Душко Марковиќ, кој го повика на разговор за Законот за слобода на веросисповедта.
Во одговорот на повикот, што го објави подгоричкиот весник „Дан“, митрополитот кажува дека се надева дека Марковиќ е искрено определен за „конечно отворање на суштински и човечки разговор со цел да се отстрани законот или сите дискриминаторски одредби во него“.
„Подготвени сме да се сретнеме со Вас со надеж дека сте искрено определен за конечно отворање на суштиски и човечки разговор со цел, во согласност со правниот поредок во Црна Гора, да се отстрани законот или сите дискриминаторски одредби во него, кои Вам и на целата јавност ви се добро познати, за да се поврати мирот и спокојот меѓу православните верници и сите праводољупци во Црна Гора”, наведе Амфилохије во писмото.
Дури по решавањето на ова прашање, додава Амфилохије, може да се отвори дијалогот заради решавање на другите сложени прашања, како што е прашањето за реституција на имотот на верските заедници по Втората светска војна.
Тој во писмото вели дека дури потоа ќе може да се отвори и дијалог за подготовка на Темелниот договор меѓу Српската православна црква и Црна Гора. Тој потсетува дека повикот на Митрополијата за јавен и институционален дијалог секогаш бил отворен, но досега од црногорските власти бил игнориран, со констатацијата дека владата сега повикува на дијалог токму за уредување на темелниот договор за меѓусебните односи.
„Жал ни е што мораме да ви кажеме, но вие очигледно не сакате да видите, дека постојниот Закон, а не непостојниот договор, претставуваат причина за актуелните општествени проблеми, а за последиците и да не зборуваме. Од тие причини, овие сериозни проблеми не можат да се решат и надминат со заедничко согледување на најдобрите решенија за примена на овој беззаконски закон, наведува Амфилохије.