Мизо: Сто вработувања во ОДВ Електрик до крајот на 2014

Мизо: Годишниот извоз над очекувањата и проекциите за оваа година

ОДВ Електрик се одлучи да инвестира токму во струшката индустриска зона бидејќи охридско-струшкиот регион уште во времето на Југославија беше еден од најиндустриски развиените региони. Илјадници граѓани се вработуваа во компаниите како Емо, Застава, Лихнида, Братство, Стружанка и токму тие поранешни вработени во овие компании, беа една од основните причини зошто оваа компанија одбра токму овде да ја лоцира својата фабрика.

Ова во вестите на Сител телевизија го истакна директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Виктор Мизо.

– Во разговорите со потенцијални вработени кои ги направивме заедно до АВРМ, тие навистина увидоа дека постои една индустриска традиција и знаење и по кратка обука тие луѓе можат да работат по највисоките стандарди, како во Европа така и во светот. Од таа гледна точка можам да кажам дека во моментов ова е петтата недела на обучување на првите 15 вработени во ОДВ Електрик, во моментов тие се наоѓаат во Украина, а за две недели од денес машините за фабриката ќе пристигнат, што значи дека во постоечкиот објект во Охрид адаптацијата ќе биде наскоро завршена, посочи Мизо.

Тој додаде дека до крајот на оваа година ќе има околу 100 вработувања, и вработените ќе работат во три смени.

Наскоро, како што посочи , ќе започне и изградбата на ниванта фабрика во ТИРЗ Струга во која ќе се вработат 1.000 луѓе.

– Се разговара и со други компании кои го разгледуваат охридско-струшкиот регион, дел од нив ја гледаат можноста токму во оваа зона, но дел од нив ги разгледуваат и потенцијалните погони кои веќе постојат и кои во минатото работеле како гиганти. Во крајни преговори сме да се одлучи на кој начин овие компании ќе влезат во Македонија, и нормално се надеваме дека таа одлука ќе биде позитивна, потенцираше Мизо.

Со заживување на овој регион, рече Мизо, каде историски производствените дејности, меѓу кои и автомобилската индустрија била една од главните двигатели на регионот, покрај туризмот, се очекуваат и голем број на вработувања за граѓаните на овој регион.

– Оваа недела започнуваме со изградба на инфраструктурата, што значи дека до крајот на идната година, кога сметаме дека и компанијата ОДВ Електрик ќе го има првиот функционален објект, дотогаш ќе имаме и целосно функционална технолошко-индустриска зона, која ќе го прими првиот производствен погон, а со тек на време, како што ќе доаѓаат и други компании ќе се доградува таа инфраструктура, додаде тој.

ТИРЗ – Струга ќе има 10 парцели, а вкупната вредност на вложувањето во инфраструктура ќе биде околу 8 милиони евра, заклучи Виктор Мизо.

Гостувањето на директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Виктор Мизо во вестите на Сител телевизија, можете да го погледенте во продолжение.