Мизрахи: Ако Владата имала информација дека случајот Пендиков е за долг и наркотици, кога ќе побара оставка од Османи кој во Софија зборуваше поинаку

Ја ставивте Македонија во неубава ситуација да се ревидира антифаштичкото минато, баш од оние кои биле на спротивната страна. Тоа стигна до степен за гребење на натписите „бугарски фашистички окупатор“ на споменици, да не се споменуваат над 20.000 македонски жртви, да не се споменуваат партизаните и ескалираше да министерството за култура и образование функционираат како подружници на бугарските, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи на денешната собраниска седница.

Мизрахи запраша дали и имплементирањето на законот за здруженија и фондации кој требаше да одговори на прашања на фашистички имиња и нивни соработници е попречуван заради бугарската декларација.

Потоа таа го потсети Ковачевски дека уште во октомври се фалеше со отворање на македонски клуб во Благоевград и дека ќе ја покани неа на отворањето, но кога се отвори таков клуб, Ковачевски не појде таму, а клубот веднаш беше затворен.

„Во Бугарија не може да има македонско малцинство, а вие не застанавте да го одбраните тоа македонско малцинство. Па повторно да прашам за пресудите на Европскиот суд за човекови права кога ќе застанете на страна на Македонците во Бугарија и кога конечно ќе ме поканите на отворање на македонски клуб во Бугарија, рече Мизрахи.

Посочи дека во врска со случајот на Пендиков, за МВР тоа е случај за криминал поврзан со наркотични средства, а Османи на своја рака отиде во Бугарија и рече дека за него важно е што велел Пендиков.

„Оттука, Ковачевски, дали ќе побарате смена на министерот Османи кој на своја рака тврдеше дека Пендиков бил нападнат заради етничка одмазда додека вие и владата сте имале информации дека било поради должничко доверителски односи и наркотици“, рече Мизрахи.