Мизрахи: Никој не кажува дека Бугарија сега е фашистичка држава, но недозволиво е да се менуваат историските факти од Втората светска војна

Недозволиво е да се менуваат историските факти особено кога задираат во периодот од Втората светска војна, од таа војна како човештво научивме лекции кои не може да се заборават, вели пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи за „Што не е јасно“ на Алфа во однос на барањето на Бугарија да се избрише зборот фашистички од македонските учебници и споменици, но и по изјавите на одредени лица вклучени во преговорите со Бугарија.

Мизрахи истакна дека никој не кажува дека тоа содејствува на денешната Бугарија, но нивната политика не може да го менува минатото.

„Во текот на Втората светска војна, 98 отсто од еврејското население од Македонија е истребено, депортирано е преку Бугарија за Треблинка и таму го завршуваат својот живот и учесник во истото се бугарските власти и нема бегање од овие историски факти. Кога некој ќе каже дека Бугарија не била фашистичка државата, Бугарија била монархофашистичка држава и уште полошо од тоа, Бугарија била нацистичка држава, а доказот стои во гласањето на Законот за чиста нација, изгласан во Собранието на Бугарија во јануари 1941 година“, рече Мизрахи.

Потенцираше дека Бугарија направи пакт со Хитлер и од тоа нема бегање, историските документи го докажуваат тоа.

„Историските факти стојат во историската документација, царот Борис има потпишано указ заклучно со законот за чиста нација. Не знам како некој може да посегне и да каже дека не се работи за фашистичка држава. Самиот поранешен бугарски претседател Георги Прванов го цитираше бугарскиот цар Борис кој вели дека еврејството создавало омраза, морално распаѓање и морално измама и дека е виновно за сите конфликти во светот и капитализмот. Ако тоа не звучи како фашизам, што е потребно повеќе како доказ“, заклучи Мизрахи.