Мизрахи: Резолуцијата зборува за македонски јазик, идентитет и историја и нема зошто да се коригира

Резолуцијата која ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ е креирана на таков начин за ниту еден граѓанин на Македонија нема да рече „не“ за оваа резолуција и ниту една политичка фигура нема да рече „не“, изјави пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи за „Жешко политичко лето“ на Канал 5 телевизија.

Мизрахи потенцираше дека Резолуцијата која е креирана од МАНУ, УКИМ и МПЦ зборува за македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонската историја и нема што да се коригира во неа. Во однос на пописот таа истакна дека методологијата и натаму останува спорна точка да се дискутира бидејќи со неа се утврдуваат резидентните и нерезидентните граѓани.

-Законското решение кое беше понудено за пописот тоа беше нецелосно и се чекаше методологијата да надополни одредени прашалници кои останаа отворени во законот кои се однесуваа пред се на резидентно и нерезидентно население, а методологијата остана да биде и понатаму дискутирана Секако дека и понатаму дека ќе се дискутира за методологијата, бидејќи истата претставува подзаконски акт што значи дека е менлива, рече Мизрахи.

Мизрахи се осврна и на Законот за државјанство каде што потенцираше дека доколку Македонија сака да биде дел од ЕУ, мора да се однесува така, а земји во ЕУ бараат за да добиете државјанство да бидете резидентен граѓанин од 8 до 10 години.

-Оној закон за државјанство кој беше приложен во 2020 најверојатно ќе послужи како пандан за следното решение. Во однос на текстот на законот има збир на небулози како на пример дека граѓаните ќе може да добијат државјанство согласно одреден елемент како што е завршена учебна година, а такви се и студентите кои биле на посета, такви небулози се работничка книшка, доказ за платена сметка. Доколку одиме во ЕУ треба да видиме како функционираат другите држави во ЕУ, кои бараат за да добиете државјанство да бидете резидентен граѓанин од 8 до 10 години, истакна таа.