Во вечерашното издание на „Прашањето ми е следно” на Инфомакс пратеничката и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, истакна дека во Македонија има владеење на човекот, а не на правото. Бидејќи Собранието не креира закони кои се добри за граѓаните, туку пратениците се тука само за да ги спроведат во некоја си форма законите кои што ги предлага Владата, министрите и премиерот.
– Наместо политика на моќ, јас би сакала да имаме политика на процеси во кои ќе учествува и Собранието се разбира. Но, во овој момент се работи за политика на моќ. И затоа и граѓаните тоа го чувствуваат како политика на насилие, на наметнување на одлука на одредена група на луѓе врз сите нас. Пример за тоа е Законот за попис – посочи Мизрахи.
Таа смета дека сите пратеници се кријат позади таа колективна одговорност. Никој не размислува дека е избран од народот и дека сноси лична одговорност за тоа како ќе одлучи и за што ќе гласа.
– Законот за попис што го изгласа мнозинството во Собранието не личи на ниеден закон во светот. Не постои таков закон за попис. Пред сè, во членот 10 стојат лични податоци, овде во овој закон не постои такво нешто. Значи ние не ни знаеме по кој основ ќе бидеме попишувани. Еве и само резидентното население да се попишува, нема информации кои лични податоци ќе се земаат во предвид. Постојат демографски, географски, економски карактеристики, а каде се личните карактеристики. Затоа за да биде статистички овој закон, треба да се направи нов. Штом постои двоен потпис на резултатите од потписот, тој по дифолт е политичка операција, а не статистичка. Законот за да биде издржан, концизен треба да се спроведува согласно закон, а не сега да се чека некаква си методологија. Потребна е подолга дискусија, а не да се става европско знаменце и да се изгласа каков било закон за два дена – вели Мизрахи.
Не е точно дека опозицијата повикува на бојкот, но ние собираме потписи со кои граѓаните ќе одлучат дали овој закон ќе се поништи и ќе се донесе нов и подобар, или не, додаде таа.
– Ќе се собираат потписи затоа што цело време се обвинува опозицијата дека бојкотира процеси во државата. Заплашувањето на луѓето може да доведе до контра ефект. Не може да се прави притисок на населението до бескрај. Затоа што народот од апатија може да влезе во гнев. Би требало Владата да размисли два пати пред да се присилува народот – децидна е Мизрахи.