Меѓународниот кривичен суд бара налози за апсење на водачот на Хамас Јахја Синвар и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху под обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото поради нападите врз Израел на 7 октомври и последователната војна во Газа, изјави главниот обвинител на судот Карим Кан за Си-Ен-Ен.
Кан вели дека МКС бара и налози за израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, како и за двајца други врвни водачи на Хамас – Мохамед Диаб Ибрахим ал-Масри, водачот на бригадите Ал Касем и попознат како Мохамед Деиф и Исмаил Ханије, политичкиот лидер на Хамас.
Ова барање на судот би го ставил Нетанјаху во друштво на рускиот претседател Владимир Путин, по кого МКС издаде налог за апсење поради војната на Москва против Украина.
Панел од судии на МКС сега ќе ја разгледа апликацијата на Кан за налог за апсење.
Кан рече дека обвиненијата против Синвар, Ханије и ал-Масри вклучуваат „истребување, убиство, земање заложници, силување и сексуален напад во притвор“.
„Светот беше шокиран на 7-ми октомври поради масакрот во повеќе кибуци во Израел“, вели Кан, додавајќи дека „луѓето претрпеле огромни страдања“.
Обвиненијата против Нетанјаху и Галант вклучуваат „предизвикување истребување, предизвикување гладување како метод на војна, вклучително и одбивање на хуманитарна помош, намерно таргетирање на цивили во конфликтот“, рече Кан во интервјуто.
Кога минатиот месец се појавија извештаи дека главниот обвинител на МКС го разгледувал овој начин на дејствување, Нетанјаху рече дека какви било налози за апсење на МКС против високи израелски владини и воени функционери „би биле бес од историски размери“ и дека Израел „има независен правен систем што ригорозно ги истражува сите прекршувања на законот“.
Запрашан за коментарите на Нетанјаху, Кан рече: „Никој не е над законот“.
Израел и САД не се членки на МКС. Сепак, МКС тврди дека има јурисдикција над Газа, Источен Ерусалим и Западниот Брег, откако палестинските лидери формално се согласија да бидат обврзани со основачките принципи на судот во 2015 година.