Меѓународниот кривичен суд (МКС) во средата побара одговори од Италија за тоа зошто ослободила Либиец осомничен за злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучувајќи убиства, тортура, силување и сексуално насилство.
Италија го уапси Осама Елмасри Нџеем, познат и како Осама Алмасри Нџеем, во неделата во Торино, откако доби дојава од МКС, кој издаде меѓународна потерница против него. Сепак, италијанската влада неочекувано го ослободи во вторникот поради процедурален пропуст, изјави извор од Министерството за внатрешни работи. Веднаш со официјален владин авион беше однесен во Триполи, каде што му беше приреден херојски пречек од страна на сегашните власти кои ги поддржуваа западните земји во бунтот за соборување на деценискиот автокатски претседател Моамер ел Гадафи.
МКС, кој ги истражува наводните сериозни злосторства извршени во Либија во граѓанската војна во земјата во 2011 година, во соопштението наведува дека ја повикува Италија да контактира со персоналот на судот доколку има какви и да се проблеми со процесот на апсење. Сепак, беше кажано дека Нџеем бил ослободен без претходна најава или консултација.
„Судот бара, и допрва треба да добие потврда од властите за наводно преземените чекори“, соопшти МКС.
Ниту кабинетот на премиерката Џорџа Мелони, ниту Министерството за правда не го коментираа случајот. Извор од Министерството за внатрешни работи изјавил за Reuters дека Либиецот бил ослободен затоа што локалната полиција веднаш не го известила Министерството за правда, што се бара според процедурата.
Ослободувањето на Нџеем претставува удар за авторитетот на МКС, кој се соочува со жесток притисок во Соединетите држави откако издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант поради можни воени и злосторства против човештвото во израелската инвазија во палестинската енклава Појасот Газа. Покрај тоа, Италија која е потписничка на Римскиот договор за основање на МКСјасно порача дека нема да го почитува нејзиниот налог за апсење на Нетанјаху.
„Судот потсетува на должноста на сите (земји-членки) целосно да соработуваат со Судот во неговите истраги и гонење на злосторства“, се вели во соопштението на МКС.