Судиите на Меѓународниот кривичен суд (МКС) издадоа налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен шеф на одбраната Јоав Галант, како и лидерот на палестинското милитантно двужење Хамас Ибрахим ал-Масри за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото.
Овој потег доаѓа откако обвинителот на МКС, Карим Кан, на 20 мај објави дека бара налог за апсење за можни извршени злосторства поврзани со нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година и одговорот на израелската војска во Газа.
МКС објави дека не е неопходно Израел да ја прифати јурисдикцијата на судот.
Израел претходно ја отфрли јурисдикцијата на судот со седиште во Хаг и ги негира воените злосторства во Газа.
Израелските власти објавија дека во воздушен напад го убиле ал-Масри, кој е познат и како Мохамед Деиф, но Хамас ниту ја потврди ниту ја демантираше оваа информација.
Одлуката на Меѓународниот кривичен суд (МКС) да издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант придонесува за кампањата за изолирање на Израел и ги олеснува терористичките напади против еврејската држава, изјави Дмитриј Генделман, советник на Кабинетот на израелскиот премиер.
„Денеска, МКС одлучи да ги игнорира доказите и аргументите презентирани од страна на Израел, всушност застанувајќи на страната на регионалната војна што ја започна иранскиот режим против Израел, МКС одлучи да поддржи кампања на тотална дезинформација со антисемитски призвук што е да го изолира Израел од неговите сојузници и да промовира терористички напади против нашата земја“, рече Генделман во својот канал Telegram.
Израелскиот претседател Исак Херцог ја нарече одлуката на Меѓународниот кривичен суд (МКС) да издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант „црн ден“ за правдата, нагласувајќи дека оваа одлука значи избирање на „страната на теророт“ и „злото наместо демократијата и слободата“.
„Ова е црн ден за правдата. Црн ден за човештвото. Несовесната и безобзирна одлука на МКС ја претвори универзалната правда во универзална шега… Навистина, оваа одлука ја избра страната на теророт и злото наместо демократијата и слобода и го претвори самиот правосуден систем во жив штит за злосторства на Хамас против човештвото“, напиша Херцог на својата страница на социјалната мрежа Х.